Skip to main content
Хроника

Закани кон градоначалникот на Неготино – Уапсен 28-годишник, се обидел да изнуди пари преку лажни профили

26/09/2025  15:31

Отсекот за компјутерски криминал при СВР Велес поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Кавадарци против М.Ј. (28) од Неготино, кој се сомничи за серија закани и обид за изнуда на пари преку лажни профили на социјални мрежи.

Според полицијата, тој на 2 септември 2025 година, преку интернет-платформа испратил порака на профил што го користи градоначалникот на општина Неготино, во која упатил сериозни закани кон него и неговото семејство, а воедно се обидел и да изнуди пари.

Заканите продолжиле и на 4 септември, кога во три наврати испратил пораки со слична содржина, а и на 5 септември преку друг профил што го користел градоначалникот. Освен кон градоначалникот и неговото семејство, М.Ј. испратил пораки со закани и кон кандидат за градоначалник.

Истражителите утврдиле дека на 19 септември 2025 година тој испратил нови закани, овој пат преку електронска пошта на Министерството за внатрешни работи, општина Неготино и на еден новинар, насочени кон приврзаници на политичка партија во Неготино.

„На 19.09.2025 лицето е лишено од слобода од страна на полициски службеници и против него е поднесена кривична пријава за делата загрозување на сигурноста и изнуда во обид“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.