Skip to main content
Македонија

Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма од новоименуваната амбасадорка на Република Естонија, Јана Ванамолдер

19/11/2026  20:01

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма од Н.Е. г-а Јана Ванамолдер, новоименувана амбасадорка на Република Естонија, со седиште во Будимпешта.

На свечената церемонија, таа го истакна примерот на Естонија во демократската транзиција, институционална модернизација и дигитална експанзија, како релевантен реформски модел.

За претседателката, политичката и безбедносната соработка треба да се дополнат со економска, образовна, научна, културна и туристичка. Обете ја потврдија важноста на сојузништвото во НАТО, во контекст на актуелните безбедносни состојби и закани.

Претседателката изрази благодарност за поддршката што Естонија ни ја дава на евроинтегративниот пат.

Сиљановска-Давкова се заложи за преговори ослободени од билатерални услови од идентитетска природа и за јасни, предвидливи и објективни критериуми, засновани врз темелните европски вредности и постигнатите реформски резултати.

Амбасадорката Ванамолдер укажа на неизвесноста на преговарачкиот процес врзан за билатералните прашања и изрази разбирање за регионалните заложби и нашите природни европски амбиции.

Таа потсети на важноста на меѓусебната регионална поддршка за побрзиот процес на преговори и стекнување членство во ЕУ.

За неа, европската иднина на регионот се гради преку партнерство, меѓусебно разбирање и проширување.