Skip to main content
Скопје

Иницијативата „Стоп за Вардариште” утре во посета на Вардариште со градоначалникот на Аеродром

26/09/2025  13:16

Соопштение на Иницијативата „Стоп за Вардариште“

Иницијативата „Стоп за Вардариште” ја информира јавноста дека во сабота, 27 септември 2025 година, во 7:30 часот наутро од мостот Близнак, заедно со В.Д. градоначалникот на општина Аеродром, ќе го посетиме Вардариште. Jавно ги повикуваме надлежните на останатите институции до кои се обративме да ни се приклучат во 7:30 кај мостот Близнак, и заедно да го посетиме Вардариште и да ни ги презентираат конкретните мерки кои ќе бидат преземени ВЕДНАШ, а не пoсле локалните избори! Ги повикуваме и сите заинтересирани граѓани да ни се приклучат.

Вчера (25 септември 2025 година) истече рокот од 5 дена, кој го дадовме за започнување на исполнување на итните барања од директни засегнатите граѓани:
• Воспоставување 24-часовен јавно достапен видео-надзор на депонијата Вардариште.
• Воспоставување 24-часовно физичко обезбедување на Вардариште.
• Итно иселување и соодветно згрижување на лицата кои живеат бесправно на територијата на Вардариште.
• Поставување на ограда околу Вардариште.
• Започнување на процес за конечно затворање на Вардариште.
• Откривање и казнување на потпалувачите и организаторите на пожарите.
• Ригорозни мерки против граѓани и правни субјекти кои ќе продолжат да фрлаат отпад во Вардариште

Барањата беа доставени до претседателката на Македонија, Владата на Македонија, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Министерство за социјални политики, демографија и млади, Град Скопје, Општина Гази Баба и Општина Аеродром. До сега, не добивме одговор од ниту една институција.

Протестите кои од денеска се одржуваат два пати дневно, ќе продолжат и денеска во 18:00 на раскрсницата кај мостот Близнак. Ги повикуваме сите граѓани да ни се приклучат за да го бараме заедно уставно загарантираното право за здрава животна средина, следствено и за ист воздух, што е приоритет за сите нас.