Skip to main content
Македонија

Апасиев: По налог на Мицкоски, само на Левица и е забрането рекламирање – Уставниот суд веднаш да се изјасни

26/09/2025  12:46

Соопштение за јавност на Левица:

,,Оваа прес – конференција ја свикавме по повод скандалозното и досега невидено однесување на органите на власта спрема една парламентарна и регистрирана политичка партија, во случајот тоа е Левица, кога од сите вонпарламентарни и парламентарни партии за прв пат во историјата на независна Македонија само на една партија и е забрането политичко претставување, односно платено рекламирање во приватните медиуми”, истакна на денешната прес – конференција, Претседателот на Левица, пратеникот, проф. д-р Димитар Апасиев. 

,,Скандалот да е уште поголем – не само што ни се забранети државните пари кои по закон ни следуваат, туку и доколку би имале наши пари, ние ќе не можеме да се рекламираме, затоа што со едноставно пропуштање, односно неспоменување во четирите законски предвидени пакети, ние сме изоставени комплетно како да не постоимe на политичката сцена”, појасни лидерот на Левица, Димитар Апасиев.

Апасиев рече дека ова е директна последица и пратен абер директно од премиерот преку неговиот подлизурко Зоран Трајчевски, ,,вечити” директор на АВМУ, којшто на овој начин се обидува да ù ги скратат крилата на Левица.

,,Сакаме да им порачаме дека ова нема да помине, напротив, ќе има обратен ефект на бумеранг, бидејќи народот гледа како на една партија и се прави класична неправда! A во меѓувреме ние се екипиравме со адвокатски тим, ќе поднесеме ,акцио популарис’, односно тужба со временa мерка за стопирање на ова упатство и бараме од Уставниот суд веднаш уште денес да се произнесе со временa мерка, затоа што не знам дали знаете –  три случаи досега вакви имало и Уставниот суд прави финта, а тоа е дека кога поднесуваме ние претставка или иницијатива, тој го става актот за гласање во декември и констатира многу бегло дека актот повеќе не е во сила и нема што да оценува”, потенцираше тој.

,,Предосеќам, како професор по право, дека овој случај ќе заврши во Стразбург, но тоа би траело две-три години од сега, така што штетата која сега ни е нанесена, ние парично ќе ја вратиме по две-три години, но ќе биде удар врз демократиjата во Република Македонија. Сакаме да порачаме дека Левица не се откажува ниту правно, ниту политички и дека Левица на овие локални избори ќе го достигне својот историски максимум, така што не можете да спречите пролет, дури и да ги искорнете сите кокичиња!”, поентираше Претседателот на Левица.