Skip to main content
Хроника

Ова се ќерката и таткото кои беа убиени вчера во Велес (ФОТО)

16/09/2025  14:49

Во вчерашниот трагичен настан во Велес, животот го загубија три лица – Росица Коцева (31) и нејзиниот татко Киро Коцев (68) и 39-годишен маж Илија Стефановски за кој постои сомневање дека е сторителот. Според првичните информации од полицијата, станува збор за двојно убиство по кое следело самоубиство.

Жената била пронајдена со повреди од остар предмет и веднаш пренесена во болница, каде им подлегнала на повредите. Непосредно потоа, во истиот дом бил пронајден починат и нејзиниот татко, исто така со повреди од остар предмет. Осомничениот маж бил пронајден со тешки повреди во пределот на вратот, а покрај обидите на медицинските екипи за реанимација, и кај него била констатирана смрт.

На местото на настанот интервенирале полициски екипи, Итна медицинска помош и јавен обвинител, а трите тела се пренесени на обдукција. Одземањето на докази продолжува, а истрагата е во тек.

Според надлежните, против осомничениот во минатото биле покренати постапки за семејно насилство, а неодамна му била изречена мерка за забрана на приближување до поранешната партнерка. Случајот бил во завршна фаза пред ескалацијата на трагедијата.

„Основното јавно обвинителство Велес на 10.04.2025 година против осомничениот поднесе Обвинителен предлог за 2 настани:
– Загрозување на сигурноста од член 144 ст.3 вв ст.1 за настан на 20.02.2025 година.

– Насилство од чл. 386 ст.3 вв ст.1 за настан ноќта меѓу 03.03.2025 и 04.03.2025 година со нанесена полесна телесна повреда на партнер на оштетената.

Во рамките на оваа постапка, ОЈО Велес нареди и психијатриско вештачење на обвинетиот, а вештото лице се произнесе дека тој не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на сторување на делото, бил способен да го сфати значењето на своите постапки и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност или патолошка фиксација кон оштетената.

На 10.09.2025 година, Основниот суд во Велес, постапувајќи по ова обвинение изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и му изрече алтернативна мерка – условна осуда. Притоа со решение му беа укинати другите мерки на претпазливост кои беа на сила во текот на постапката, но на сила до правосилноста на пресудата остана мерката – забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетената и нејзиниот партнер, определена по барање на обвинителството.

Оваа одлука на судот во Велес само што е примена во ОЈО Велес и обвинителството се уште немаше можност да се произнесе по неа со евентуална жалба.

Во меѓувреме, на 21.05.2025 година оштетената го пријавува обвинетиот во ОЈО Велес и за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитува и продолжува да и испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18.05 се приближил до нејзиниот дом и го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко. По оваа пријава, ОЈО Велес ја испита оштетената и на 26.06.2025 година издаде наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и 4 наредби за обезбедување снимки од видео надзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапува.

На 25.03.2025 година оштетената го пријавува осомничениот во ОЈО Скопје за настан случен на 27.12.2024 година, кога за време и по враќање од патување во Р. Бугарија, осомничениот се обидел да ја задржи во стан во Скопје и и нанел лесна телесна повреда од чл.130 ст.2 од Кривичниот законик. Според наводите од пријавата, оштетената извесен период претходно пријавила и во МВР. Речиси истовремено, и пријавениот поднесува пријава до ОЈО Скопје со која ја товари оштетената дека му поднесува лажни пријави во МВР со цел да му изнуди пари.

Иако настанот во обвинителството беше пријавен три месеци по случување, ОЈО Скопје ја прибави медицинската документација, како и другите докази за целосно испитување на настанот. Врз основа на тоа, обвинителството ја отфрли кривичната пријава за лажно пријавување поднесена од Стефановски, а по пријавата поднесена од Коцева продолжи да постапува. На 09.09.2025 година, оштетената даде исказ во ОЈО Скопје и се изјасни дека останува на предлогот за кривично гонење на осомничениот“, велат од Обвинителството.