
Хакери, користејќи техничка документација на руски јазик, изградиле систем од агенти за вештачка интелигенција кои можат независно да детектираат безбедносни недостатоци во софтвер и да развијат начини за нивно искористување, соопштија денеска од компнаијата Гугл.
Одделот за доставување податоци за кибер закани на компанијата соопшти дека го детектирале првиот случај на вештачка интелигенција која целосно го автоматизира откривањето на ранливости и ги користи за напад, без човечка интервенција.
Според наодите на Гугл, напаѓачите поставиле повеќе агенти за вештачка интелигенција кои континуирано споредувале верзии на програмскиот код пред и по безбедносните ажурирања, барајќи недостатоци и автоматски развивајќи начини за нивно искористување. Целите биле француски веб-страници во медиумскиот, забавниот и образовниот сектор.
Случајот би можел да означи значајна пресвртница во употребата на вештачка интелигенција за кибер напади.
Досега, дури и најнапредните модели на вештачка интелигенција не беа во можност целосно независно да извршат сложен кибер напад. Хакерите мораа да ги насочуваат, да ги проверуваат нивните резултати или да ги исправаат грешките. Новината што ја опишува Гугл е тоа што агентите беа во можност независно да пронајдат слабости во софтверот и да развијат начин за нивно искористување.
Откритието би можело дополнително да ги загрижи владите и операторите на критична инфраструктура, кои веќе се соочуваат со растечки број безбедносни предизвици. Меѓу нив е неодамнешното откривање на сериозни недостатоци во програмскиот јазик PHP, на кој се базира голем дел од интернетот, јавија американски медиуми.

