Skip to main content
Свет

Кремљ негира дека Русија се согласила со учеството на Европа во мировните преговори за Украина

16/11/2026  19:32

Висок советник во Кремљ денеска изјави дека Русија сѐ уште не се согласила за учество на европски претставници во следната рунда мировни преговори за Украина оспорувајќи ги изјавите дадени од американските преговарачи по разговорите во Москва дека Европејците ќе учествуваат во следната рунда разговори.

Руски, украински и американски претставници одржаа разговори во Абу Даби минатата недела, први по девет месеци.

Двајца американски претставници, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, потоа се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, а потоа изјавија дека Европа ќе учествува во следната рунда преговори.

Советникот на Кремљ Јуриј Ушаков иако не ги спомена директно изјавите на американската страна, им рече на новинарите: „Во моментов се дискутира за одржувањето на следната рунда преговори во трилатерален формат. Тие преговори продолжија пред неколку дена во Абу Даби и беше договорено дека ќе продолжат. Датумот сѐ уште не е утврден, а што се однесува до проширувањето на форматот – за што некои зборуваат – не е постигнат договор со нас“.

На прашањето што треба да се случи за Русија да се согласи со учеството на Европа, Ушаков одговори: „Треба многу да се направи пред да се договори такво нешто. Особено, можеби ќе треба да се одржи уште една рунда или можеби уште повеќе рунди трилатерални преговори“.

Тој додаде дека нивното учество зависи од тоа дали Русија ќе добие „јасен сигнал од Европејците за тоа што сакаат и каков конструктивен и значаен придонес можат да дадат за успешно решавање на ситуацијата во Украина“.