
ВМРО-ДПМНЕ денеска побара од Јавното обвинителство и обвинителот Љупчо Коцевски да не молчат и итно да реагираат за, како што велат, незаконското следење на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, новинари, бизнисмени и други функционери.
„ЈО да не молчи, туку да спроведе темелна и транспарентна истрага за злоупотребата на службите на АНБ и АР. Граѓаните имаат право да знаат кој стои зад политичките пресметки со помош на институциите“, соопштија од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека во изминатите пет години службите биле ставени под целосна контрола на СДСМ и ДУИ.
„На тој начин се нарушија човековите права и беше нанесен тежок удар врз демократијата и правната држава“, додаваат од партијата.
Извор: plusinfo.mk