Skip to main content
Македонија

Алиу: Онколошка амбулантска терапија наскоро ќе има во Тетово, Битола, Штип и ГОБ „8 Септември“

12/08/2025  18:22

Министерот за здравство Азир Алиу денеска изјави дека онколошките амбулантски терапии веќе се дисперзирани и наскоро ќе започне нивната примена во болниците во Тетово, Битола, Штип и во ГОБ „8 Септември“. Целта е да се децентрализира третманот на онколошките пациенти, кој досега беше ограничен само на Клиничкиот центар во Скопје.

Според него, ова е прва фаза и потребно е да се има и цел тим на луѓе, ако во случај се комплицира нешто при апсорпцијата на терапијата. Тој вели дека треба и дополнителни обуки за колегите што работат во Битола, Тетово и во Штип, а исто така и во „8 Септември“ и оти тоа е втората фаза.

„Се работи за пациенти и многу сме претпазливи, бидејќи освен што таа процедура е сензитивна, мора да бидеме претпазливи да знаеме дека чекорот што го правиме напред е чекор што е анализиран и е сигурен за сите пациенти“, кажа Алиу.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, изјави дека првиот чекор кон децентрализација на онколошката терапија веќе е направен преку позитивната листа.

„Два лека од болничка листа се префрлени во аптеки и 2 500 пациенти со рак на дојка веќе не мора да одат четири пати годишно на Клиниката за онкологија. Пациентите ќе можат да ја подигнат терапијата во најблиската аптека, и 10 000 прегледи помалку на Клиниката за онкологија“, рече Клековски.

Тој додаде дека многу брзо ќе следува и вториот чекор, со дисперзија на биолошката терапија.