
Можностите за унапредување на бизнис-климата и создавање услови за нови инвестиции беа во фокусот на денешната средба помеѓу градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и претседателот на Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, Нухиу Алиу.
Од Општината информираат дека двајцата соговорници ја нагласиле важноста на институционалната поддршка за стопанството и заедничките напори за развој на претпријатијата. Се истакнало дека соработката меѓу локалната самоуправа и бизнис-заедницата е клучна за економски раст, отворање нови работни места и задржување на младите во земјата.
„Како локална самоуправа, имаме јасна цел – да обезбедиме стабилна институционална поддршка за стопанството. Соработката со Стопанската комора на Северо-Западна Македонија може да овозможи побрзо препознавање на потребите на бизнисите, намалување на административните бариери и креирање политики кои ќе донесат нови инвестиции и економски развој. Верувам дека заедно можеме да направиме значителен исчекор во создавање современа и конкурентна деловна средина“, изјави Ѓорѓиевски.
Соговорниците најавија и продолжување на дијалогот со цел реализација на конкретни мерки за поттикнување на економскиот развој на општината.