Skip to main content
Македонија

Пожарот меѓу Катланово и Петровец, делумно локализиран, нема закана за бензинската пумпа

27/07/2025  23:09

Попладнево изби пожар на потегот меѓу Катланово и Петровец, во близина на бензинска пумпа, што предизвика вознемиреност кај граѓаните кои патуваат по автопатот. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, вечерва излезе со видео-изјава во која информира дека пожарот е делумно локализиран и во моментов не претставува закана за бензинската пумпа.

„Пожарот кој изби во близина на бензинската пумпа е пресечен и не се шири во тој правец. Се движи кон селото Чифлик. На терен работат скопските пожарникари, а рано утринава ќе се приклучи и ер-трактор, заедно со неколку дополнителни возила“, изјави Ангелов.

Тој нагласи дека се работи за пожар на непристапен терен, што ја отежнува интервенцијата, но изрази уверување дека во текот на утрешниот ден ќе биде ставен под целосна контрола.

„Пожарот е видлив од автопатот и разбирливо е што предизвикува вознемиреност кај граѓаните. Но, апелирам да не се плашат – ситуацијата е под контрола и нема ризик од експлозија или зафаќање на бензинската пумпа“, додаде директорот на ДЗС.