
Со завршување на тригодишната меѓународна иницијатива за следење на движењето на Јадранската микроплоча – AdriaArray, на почетокот на 2026-та државава ќе остане без мрежата од 13 сеизмолошки станици со кои се следи сеизмичката активност односно просторно-временската застапеност на земјотресите.
Во рамки на тој проект на организацијата ORFEUS (Observatories and Research Facilities for European Seismology), чија мисија е да ја промовира сеизмологијата во Европско-медитеранската област, од 2023 се инсталирани 13 привремени сеизмолошки станици преку кои континуирано се следи сеизмичката активност на територијата на државава и во пограничните региони, како и сеизмичноста на целата планета.
Тие 13 станици во моментов ја сочинуваат телеметриската мрежа на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, а сеизмички мониторинг има и на езерото Козјак – на браните Козјак и Св. Петка и на локација во село Белица на долниот дел од езерото и браната Кнежево.
ORFEUS во март ќе ја напушти Македонија за да го продолжи проектот во други земји, со што Опсерваторијата се соочува со ризик од затворање на сите 13 станици затоа што ќе останат со застарени и, практично, нефункционални инструменти.
Раководителката на Сеизмолошката опсерваторија при ПМФ, проф. д-р Катерина Дрогрешка, за МИА изјави дека таквата состојба ќе доведе до загрозување на сеизмолошката служба на Опсерваторијата, односно законски пропишаното следење на сеизмолошка активност.
– Од наредната година остануваме без ниту една сеизмолошка станица и соодветна опрема за следење на сеизмичката активност, што за сеизмички активна територија како нашава, во која често се случуваат умерено силни до силни земјотреси, е навистина зголемен ризик за населението и инфраструктурата од силен земјотрес. Технологијата оди напред, светот оди напред, ние се трудиме да ги следиме, но доаѓаме во ситуација кога не можеме. Сега, дефинитивно, ни треба помош. Неследењето на сеизмичка активност може да предизвика неубава состојба во државава во однос на градбите и ризиците по безбедноста на граѓаните, истакнува раководителката на Опсерваторијата, институција основана во 1957 и лоцирана на падините на Водно.
На Опсерваторијата ѝ требаат нови лиценцирани софтвери, нова компјутерска опрема и сеизмометри, т.е. минимум десет сеизмолошки станици за следење на подземните активности во реално време.
Да се нарача и инсталира една комплетна сеизмолошка станица чини околу 30.000 евра односно 300.000 за десет станици.
На веб-страницата на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (Euro-Mediterranean Seismological Centre – EMSC) може да прочитаме податок за случен земјотрес, но таа укажува дека Сеизмолошката опсерваторија е единствена институција кај нас задолжена и овластена да ја одржува сеизмолошката мрежа, постојано да ја набљудува и научно анализира целокупната сеизмичка активност на територијата на државава и пограничните подрачја и само таа е релевантна институција која ги одредува основните параметри на жариштето на земјотресот, магнитудата и интензитетот, и ја известува јавноста за почувствуван земјотрес во државава.
Покрај проблеми со опремата, Опсерваторијата веќе две децении се соочува и со недостиг од стручен кадар. Во моментов работат тројца сеизмолози и тројца млади истражувачи – двајца физичари и еден географ кои учат и веќе работат да бидат сеизмолози. Повозрасните се сеќаваат на времиња кога Опсерваторијата имала двојно па и тројно повеќе вработени.
Тоа се должи на слабиот интерес за студирање. Многу помалку студенти се запишуваат на Институтот за физика, на насоката геофизика и метеорологија, во однос на другите институти на Природно-математичкиот факултет и покрај тоа што се стипендираат како дефицитарни студии.
Но, причината за опаѓањето на бројот на вработени низ годините е и немањето согласности/финансии за вработувања на младите кои завршуваат на оваа или на некоја од сродните насоки, како физика и географија.
По пратените дописи и средбите што ги имале со претставници од надлежните институции, очекува дека ќе им се излезе во пресрет, пред сè, во набавката на опремата што во моментов е проблем кој бара итна реакција поради извесното затворање на сеизмолошките станици.
Во време на технологија со која се праќаат снимки од далечни планети, сè уште не може да се предвиди датумот ниту локацијата на настанување на оваа природна појава на Земјата.
Во контекст на 62 години од скопскиот земјотрес и ризиците од силни потреси, таа кажува дека Скопската Котлина лежи на мрежа од раседи со различна големина и не секој расед може да произведе земјотрес со магнитуда поголема од 5.0.
Сите земјотреси во Скопското епицентрално подрачје се резултат на тектонска интеракција во длабочините на земјата меѓу два блока – Скопска Црна Гора и Водно. Напрегањата меѓу двата блока во земјината внатрешност се акумулираат сè до моментот на ненадејно релативно придвижување на блоковите чија последична појава е земјотресот.
Опсерваторијата организира едукативни предавања и работилници за ученици од основното и средното образование, но и за заинтересирани возрасни, како да се заштитат од земјотресите за да се минимизираат негативните последици.
Најсилниот регистриран земјотрес на копнениот дел на Балканскиот Полуостров бил во пограничното епицентрално подрачје Пехчево – Кресна во 1904, со јачина од 7.8 Рихтерови степени и интензитет (почувствуваност) од 10 степени. Во светот за најсилен земјотрес се смета во Чиле во 1960 година, со магнитуда 9.5 или 9.6 Рихтерови степени.