Skip to main content
Спорт

ЕМОФ 2025: Македонските репрезентации поразени во разигрувањето од 5 до 8 место

26/07/2025  08:32

На претпоследниот натпреварувачки ден на Европскиот Младински Олимписки Фестивал – ЕМОФ Скопје 2025, македонските репрезентации претрпеа порази во разигрувањето од 5 до 8 место во колективните спортови.

Нашите кошаркари загубија од Словенија со 57:87, додека кошаркарките беа поразени од истоимената селекција со убедливи 32:103. Момчињата денес ќе играат против Летонија за 7. место, додека девојките во борба за седмата позиција ќе се сретнат со Летонија.

Младите ракометари минимално загубија од Португалија со 30:31 во плеј-оф фазата за борба од 5 до 8 место, додека ракометарките претпреа пораз од Португалките со 18:39. Во битка за седмото место, момчињата ќе играат денес против Норвешка, додека девојките ќе се борат за седмата позиција со Финска.

Одбојкарите доживеаја пораз од Чешка со 0:3, додека младите македонски одбојкарки беа поразени од Германија со максимални 0:3. Во битка за седмата позиција, момчињата денес ќе ги одмерат силите со Финска, додека девојките ќе играат против Хрватска.

Во рамките на атлетските натпревари на националната арена „Тодор Проески“ се одржаа некои од најочекуваните финалиња на фестивалот. Полина Џерожинска од Украина ја воодушеви публиката со фантастично фрлање од 71.50 метри, освојувајќи злато во дисциплината фрлање кладиво, додека Мина Хирсбруннер од Швајцарија доминираше во фрлање диск со 58.20 метри.

Љубителите на тркачките дисциплини уживаа во возбудливата трка на 2000 метри со пречки во женска конкуренција, каде што Клементина Бајл од Белгија победи за само дел од секунда со време од 6:31.29. Финалињата во спринт донесоа уште повеќе адреналин – Маргарита Кастелани од Италија триумфираше во трката на 200 метри со 23.23 секунди, додека Нино Радосављевиќ Кушљиќ од Шведска доминираше на 200 метри со 21.09 секунди.

Во салата за џудо, тензијата беше висока, а борбите интензивни. Србинката Александра Андриќ забележа убедлива победа во категоријата -70 кг (девојки), додека Мајус Генис од Литванија беше супериорен во финалето -90 кг. Франција доминираше во тешките категории, со златни медали од Ема Феје Нгимго (+70 кг, девојки) и тактичка победа на Даниел Чермак од Унгарија во категоријата +90 кг (машки).

Во стрелаштво, финалето во дисциплината 10м воздушен пиштол – двојки беше крајно неизвесно, но тимот на Молдавија успеа да го совлада Азербејџан со 21:19. Во 10м воздушна пушка – двојки, НОК Белорусија за нијанса беше подобра од Унгарија со 21–20, во еден од најдраматичните моменти на денот.

Олимпискиот базен во Скопје беше сцена на тесни победи и национални прослави. Лука Маринеску од Романија прв доплива во трката на 200м слободно (машки), додека Изабел Наѓ Бенедек од Унгарија триумфираше на 100м градно (девојки). Максим Малишка од Белорусија беше најдобар на 100м градно во машка конкуренција, а Шпанката Ирене Сиерколес Галве настапи одлично на 100м грбно. Во последната трка за денот, Макар Јахно од Украина го освои своето второ одличје на фестивалот во дисциплината 400м мешано со време од 4:31.25.