Skip to main content
Свет

Борците на ПКК почнаа со церемонијално предавање на оружјето во Ирак

11/07/2025  14:11

Борците на Курдската работничка партија (ПКК) денеска почнаа со церемонијално предавање на оружјето кај северниот ирачки град Сулејманија, јавија светските новински агенции.

Станува збор за симболичен, но важен чекор во четиридеценискиот конфликт меѓу Турција и забранетата ПКК.

„Се надеваме дека овој чекор ќе донесе мири и слобода. Нашиот народ има повеќе од кога било потреба од мирен, слободен, рамноправен и демократски живот“, рече пред околу 300 луѓе еден од командантите на ПКК, читајќи соопштение за јавноста.

На денешното предавање на оружјето присуствувале припадници на турското разузнавање и на регионалната курдска влада.

Се очекува процесот на разоружување на ПКК да заврши до септември. Претставници на организацијата рекле дека за да продолжи предавањето оружје, сакаат да видат дека и Анкара презема чекори за прекин на изолацијата на лидерот на ПКК, Абдулах Оџалан, во затворот и да се дозволи интегрирање на поранешните борци во политичкиот систем.