
Кога чувствувате жед и посегнувате по чаша вода, можеби мислите дека тоа е најдобриот начин да го хидрирате телото. Но, според студија на Универзитетот Сент Ендрус во Шкотска, не е секогаш така. Истражувачите утврдиле дека иако водата – било обична или газирана – брзо влегува во крвотокот, некои пијалаци ја задржуваат хидратацијата подолго време.
Според професорот Роналд Моган од Медицинскиот факултет на Универзитетот, клучната разлика е во составот на пијалаците. Тие што содржат мала количина шеќер, протеини и масти – како што е млекото – се покажале како поефикасни за долготрајна хидратација.
„Млекото хидрира подобро од водата затоа што неговите состојки го забавуваат празнењето на желудникот, а натриумот во него ја задржува водата во телото“, објаснува професорот. Сличен ефект имаат и рехидратациските раствори, кои се користат при дијареја, бидејќи содржат натриум, калиум и малку шеќер.
Не секој пијалак со шеќер е добар
Иако пијалаците со умерен шеќер се корисни, оние со висока концентрација – како газираните сокови и некои овошни сокови – може да имаат спротивен ефект. Високиот шеќер активира осмоза во цревата, при што телото пренасочува вода за да ја разреди концентрацијата на шеќер, што може да води до привремена дехидрација.
Нутриционистката и личен тренер Мелиса Маџумдар, портпаролка на Американската академија за исхрана и диететика, објаснува дека овие пијалаци содржат и калории кои не ја задоволуваат гладта, туку можат да доведат до прекумерно внесување на шеќер.
Алкохол и кафе – пријатели или непријатели на хидратацијата?
Кога станува збор за алкохол, количеството е клучно. Пивото, иако содржи алкохол, предизвикува помала загуба на течности од силните алкохолни пијалаци поради поголемиот волумен на внесена течност. Сепак, алкохолот во принцип има диуретичен ефект и може да доведе до дехидрација.
Кафето, од друга страна, може да биде речиси подеднакво хидрирачко како и водата, но само во умерени количини. Истражувањата покажуваат дека просечна шолја со околу 80 мг кофеин не ја намалува хидратацијата, но прекумерното внесување (над 300 мг дневно) може да го има спротивниот ефект, особено кај луѓе кои не се навикнати на кофеин.
Хидратацијата е индивидуална
Иако некои пијалаци можат да понудат подобра хидратација во специфични ситуации – како кај спортисти или лица изложени на високи температури – за повеќето луѓе, најважно е да слушаат на телото. „Ако сте жедни, вашето тело веќе ви кажува што ви треба“, вели професорот Моган.
Покрај тоа што го освежува телото, хидратацијата е клучна за здравјето на кожата, функцијата на бубрезите и правилното варење. Иако млекото можеби има благ предност во задржувањето на течноста, водата останува најдостапното, најевтиното и најбезбедното средство за дневна хидратација.