
Со два автомобилa и полициска придружба од Основниот суд во Кочани се врши транспортот на предметот за пожарот во диксотеката „Пулс“ во Кочани, во која животите ги загубија 62 лица, а над 200 беа повредени. Претседателот на Апелациониот суд-Штип, Тони Делев за МИА информира дека транспортот е во тек.
„Од Основниот суд во Кочани заедно со сите списи и докази, коишто се приложени се носат во Основниот Кривичен суд Скопје, согласно одлуката на Врховниот суд на Република Северна Македонија и таму ќе биде предаден на службите за понатамошна постапка“, вели Делев.
Во изјавата за МИА посочува дека станува збор за обемен материјал, а доказниот материјал е сместен во две возила.
“Понатаму ќе одлучува Основниот Кривичен суд Скопје, ќе се оценува актот, веројатно тука ќе има приговори, ќе се спроведе цела постапка како што предвидува Законот“, рече Делев.
Инаку, во истражната постапка за предметот „Пулс“ беа ангажирани сите судии во Основниот суд во Кочани, еден од Виница, тројца судии од Основниот суд во Штип и сите судии од штипска Апелација за за жалбените постапки и решенијата за притвор. Во овој предмет опфатени се 34 лица и три правни субјекти.