
Во еден скопски хотел денеска се одржа средба меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и премиерот на Република Албанија, Еди Рама. Средбата се случи во рамките на Конференцијата на Европската Унија што се одржува во Скопје.
Ахмети на својот официјален профил на Фејсбук ја опиша средбата како „братска“, посочувајќи дека разговарале за клучни теми поврзани со европската иднина на регионот.
„Во време кога Албанија е на неповратен пат кон членството во Европската Унија, повторивме дека и Северна Македонија треба да биде дел од овој пат. Европската иднина на регионот е заедничка – во овој процес нема поделба“, напиша Ахмети.
Тој посочи дека со премиерот Рама разговарале за:
- Сериозните закани за Охридскиот рамковен договор,
- Состојбата со меѓуетничките односи во Северна Македонија,
- Потребата од продлабочување на билатералната соработка меѓу Скопје и Тирана.
„Ова беше искрена средба, со политичка и братска длабочина, врз основа на еднаквост и европска перспектива. Му благодарам на премиерот Рама за континуираната поддршка на еднаквоста и европскиот пат на Северна Македонија“, додаде Ахмети.
Средбата доаѓа во време на зголемени регионални предизвици, особено во однос на евроинтеграциите и зачувувањето на стабилноста и мултиетничкиот карактер на Северна Македонија.