Skip to main content
Македонија

Мицкоски: Очекуваме наскоро да почнат преговорите со ЕУ

22/10/2026  18:47

Македонија очекува европските партнери да го вреднуваат постигнатиот напредок и да овозможат придвижување на преговарачкиот процес со Европската унија. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски по завршувањето на Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора, нагласувајќи дека земјата ги исполнува обврските од реформската агенда.

Во изјава за МРТ, Мицкоски истакна дека Македонија има усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ и дека, според неговата оценка, е напред во спроведувањето на реформите. Тој побара напредокот да се оценува според сработеното и исполнетите обврски.

„Буквално сè што се бара од нас, а е поврзано со принципот по испорака да се оценува напредокот, ние тоа го правиме и го испорачуваме“, изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека и во работниот дел од самитот го изнел очекувањето резултатите на земјата наскоро да бидат валоризирани, со што би се отворил патот за продолжување на европската интеграција.

Осврнувајќи се на постепеното вклучување на земјите од Западен Балкан во Европската унија, Мицкоски нагласи дека овој пристап може да донесе можности за регионот, но дека крајната цел мора да остане полноправното членство.

„Постепеното или градуално интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправното членство во рамките на Европската унија“, рече тој.

На самитот, германскиот канцелар Фридрих Мерц ја потврди поддршката на Германија за европската перспектива на Западен Балкан. Истовремено, порача дека напредокот на секоја земја зависи од реформите и од политичката волја на нејзиното раководство.

Според прилогот на МРТ, Мерц истакнал дека лидерите од регионот можат да сметаат на германската поддршка, вклучително и на неговата лична поддршка, но дека и самите мора да ги исполнат своите обврски.

„Реформите и политичката волја мора да дојдат од вас“, порача германскиот канцелар.

Во состав на македонската делегација во Црна Гора беше и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Според МРТ, тој остварил серија состаноци со претставници на финансиски институции, меѓу кои и со претставници на Европската банка за обнова и развој.