
Франција издаде рекорден број предупредувања за топлина, додека земјата, заедно со делови од јужна и источна Европа, продолжува да биде погодена од екстремно високи температури, пишува Би-Би-Си . Портокалово предупредување моментално е на сила во 84 од 96 француски департмани, второ највисоко во земјата. Француската министерка за климатски промени, Ањес Пание-Рунашер, ја опиша ситуацијата како „без преседан“.
Многу земји ги ставија службите за итна медицинска помош во состојба на готовност
Речиси 200 училишта во Франција се затворени или делумно затворени поради топлотниот бран што ги погодува делови од Европа повеќе од една недела, а врвот се очекува кон средината на оваа недела. Министерката за образование Елизабет Борн изјави дека соработува со локалните власти за да одлучи како најдобро да ги заштити децата – или да им дозволи на родителите да ги чуваат дома.
Шумски пожари избувнаа во планинскиот венец Корбјер во јужна Франција во неделата, што доведе до евакуации и затворање на автопат. Пожарите оттогаш се ставени под контрола, соопштија противпожарните служби во понеделник.
21 италијански град под највисоко ниво на тревога
Во Италија, 21 град, вклучувајќи ги Рим, Милано и Венеција, како и островот Сардинија, се на највисоко ниво на тревога поради топлина. Марио Гуарино од Италијанското друштво за итна медицина изјави за АФП дека приемите во болници во итни случаи се зголемиле за 10 проценти поради случаи на топлотен удар.
Делови од Англија очекуваат понеделник да биде еден од најжешките јунски денови досега, со температури што ќе достигнат повеќе од 34°C.
Во Шпанија, која е на добар пат да го забележи својот најтоплиот јуни досега, предупредувањата за топлина остануваат на сила. „Не можам да спијам и имам несоница. Добивам сончаница, престанувам да јадам и не можам да се концентрирам“, изјави 21-годишната Анабел Санчез за Ројтерс во Севиља. Во Португалија, седум региони, вклучувајќи го и главниот град Лисабон, се под највисоко ниво на тревога.
Германската метеоролошка служба предупреди дека температурите би можеле да достигнат речиси 38°C во вторник и среда, што би можело да биде нов рекорд за Германија.
Пожари во Турција и Хрватска, историски температури во регионот
Балканските земји, исто така, се борат со интензивна жештина, иако температурите почнаа малку да опаѓаат во некои области. Во Турција, пожарникарите сè уште се борат со стотици пожари што избувнаа во последните денови. Пожар во населбата Сеферихисар, 50 километри југозападно од туристичкиот град Измир, изгоре околу 20 куќи и принуди евакуација на некои станбени области.
Пожари избувнаа во крајбрежните области во Хрватска, каде што се на сила предупредувања за екстремни температури. Во Грција, температурите се над 40°C со денови, а минатата недела пожари избувнаа во крајбрежните градови во близина на Атина. Некои куќи изгореа, а жителите мораа да бегаат.
Во среда, Србија го забележа својот најтопол ден досега, при што во четврток во Сараево беа измерени рекордни 38,8°C. Словенија ја забележа највисоката јунска температура досега во саботата. Во Скопско, главниот град на Северна Македонија, температурите достигнаа 42°C во петокот и се очекува дека така ќе продолжат.
Влијание врз природата и екосистемите
Топлотниот бран не е само здравствен проблем, туку и климатски. Зголемените температури на Јадранското Море ги фаворизираат инвазивните видови како што е отровната лавска риба, а дополнително ги загрозуваат и алпските глечери, кои веќе брзо се топат.
Иако не е можно директно да се поврзе секој екстремен временски настан со климатските промени, научниците предупредуваат дека топлотните бранови стануваат сè почести и поинтензивни поради климатските промени.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, предупреди дека сегашниот топлотен бран ја покажува итноста од прилагодување кон климатските промени – вклучително и напуштање на практиките и изворите на енергија, како што се фосилните горива, кои придонесуваат за глобалното затоплување. „Зголемувањето на температурите, зголемувањето на нивото на морето, поплавите, сушите и пожарите ги загрозуваат нашите основни права – правото на живот, на здравје, на чиста и одржлива животна средина, но и многу повеќе“, изјави тој пред Советот за човекови права на ОН.