
Во Белград вечерва повторно избувнаа протести, откако пред Палатата на правдата се собраа студенти и граѓани, изразувајќи револт поради, како што тврдат, нелегалното притворање на учесници од вчерашниот масовен протест.

Според српскиот медиум Н1, демонстрации има и на неколку други локации во градот. Сообраќајот е блокиран кај населбата Автокоманда, како и на патиштата што водат кон Земун и Вождовац, а забележани се и застои на Панчевачкиот мост.
Насобраните скандираат:
„Пуштете ги сите. Вучиќ си оди!“, упатувајќи директна порака до власта и претседателот Александар Вучиќ.
Протестите доаѓаат во време на зголемена политичка и општествена тензија во Србија, откако бројни организации и активисти алармираа за полициска репресија, притвори без правна основа и ограничување на правото на протест. Ситуацијата сè уште е напната, а протестите продолжуваат.