Skip to main content
Македонија

На средба со Шолц во Берлин Филипче се заблагодари за поддршката од Германија за македонскиот јазик и идентитет

28/06/2025  14:33

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска во Берлин, во рамки на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), се сретна со поранешниот германски канцелар Олаф Шолц.

Во името на СДСМ и на сите наши граѓани, Филипче изрази искрена благодарност за силната и принципиелна поддршка која Германија, под водство на Шолц, ѝ ја даваше на Македонија во процесот на европска интеграција, но и за континуираната поддршка од Владата и од СПД – сестринската партија на СДСМ за заштита на македонскиот идентитет.

„Благодарни сме за поддршката, особено за резолуцијата на германскиот Бундестаг во 2023 година, со која испративте силна порака и поддршка за македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Тоа беше резултат на државничката политика на СДСМ и соработката со германските социјалдемократи. Погрешните политики на актуелната власт во изминатата година ги загрозија сите овие успеси”, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ рече дека е уверен дека поддршка од германската СПД ќе продолжи и понатаму, а од Берлин упати и јасна порака дека СДСМ ќе остане да ги брани државните и националните интереси.

„Не смее да се дозволи било какви додавки за македонскиот јазик во Извештајот на Европскиот парламент. Јазикот и и идентитетот не биле и не смеат да бидат предмет на додавки. Во сите документи на Европската унија македонскиот јазик е јасно потврден„ рече Филипче.

СДСМ останува цврсто посветен на европската иднина на државата и на стратешките партнерства што ја зајакнуваат македонската позиција на меѓународната сцена.