Skip to main content
Македонија

Тошковски го отвори ЕП во џудо за кадети – потпишан и меморандум за разбирање за соработка и обука на полициските службеници

26/06/2025  17:58

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска учествуваше на отворањето на Европското првенство (ЕП) во џудо за кадети, во организација на Европската џудо-унија (ЕЏУ), кое од четврток до недела ќе се одржи во Скопје. Под мотото „Младите ѕвезди на иднината”, овој престижен настан ќе ги собере најдобрите млади џудисти од целиот континент, кои ќе се натпреваруваат за европските медали и ќе ги покажат својата сила, техника и спортски дух.

„Македонија за првпат е организатор на Европско првенство во џудо – чест и задоволство ни е што ги пречекуваме младите џудисти и нивните поддржувачи од цела Европа. Џудото нè обликува преку дисциплина, почит и стремеж кон извонредност – вредности што силно ги цениме. Ова првенство е вистинска манифестација на младешкиот дух, истрајноста и светлата иднина на овој благороден спорт.”, потенцираше министерот.

Министерот Тошковски информираше дека беше потпишан Мемнорандум за разбирање помеѓу Министерството за внатрешни работи, Европската џудо федерација и Националната џудо федерација на Македонија.
„Целта е соработка на проекти за промоција и џудото Македонија, со посебен фокус на едукација на полициски службеници во областа на џудо спортот и самоодбраната. Планирани се програми за физичка обука базирани на џудо за полициски службеници за подобрување на самоодбраната, техниките на ограничување на движењето и целокупната физичка подготвеност и соработка во многу други активности кои го промовираат спортот, дисциплината и здравото живеење на младите.”, истакна министерот Тошковски.

Министерот Тошковски на учесниците на првенството им посака да победи спортскиот дух на младите.