
Ребалансот на Буџетот за 2025 година официјално е доставен до Собранието. Документот, под наслов „Предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година“, влегува во собраниска процедура и ќе биде предмет на разгледување од страна на пратениците во наредниот период.
Со ребалансот се предвидуваат измени во проекцијата на инфлацијата – од досегашни 2,2% на 2,8%, што иако претставува зголемување, сепак е под моменталната стапка од 3,3%. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, вели дека Владата работи на нови мерки за ублажување на ефектите од инфлацијата.
„Правиме напори, и во периодот што следи ќе објавуваме и други мерки кои можеби не значат директна финансиска поддршка, но ќе помогнат да ја зголемиме конкуренцијата во домашното производство и да ги намалиме инфлаторните ефекти,“ изјави министерката.
Во расходната страна на буџетот се забележува значајно зголемување на ставката за капитални инвестиции, главно поради проекти во одбраната, со речиси 5 милиони евра повеќе. Дополнително, за пензискиот фонд ПИОМ се предвидуваат околу 40 милиони евра повеќе, со што вкупната сума што ќе се издвојува ќе достигне 813 милиони евра.
Министерството за финансии потврдува дека пензионерите ќе го добијат законски предвиденото зголемување на пензиите, а се размислува и за можноста за дополнително линеарно зголемување до 2.500 денари.
Исто така, се зголемува и износот на средства наменети за плати во јавниот сектор, особено за Министерството за внатрешни работи (МВР), што дополнително ќе влијае на структурата на буџетските расходи.
Ребалансот ќе биде разгледуван од собраниските комисии пред да се најде на пленарна седница, а неговото усвојување се очекува до крајот на јули.