
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се одржува едно од завршните рочишта во случајот што ја потресе македонската јавност – грабнувањето и свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски.

Своите завршни зборови на денешното рочиште ги изнесува адвокатот на првообвинетиот Јовица Страшевски, по што ќе следуваат и исказите на останатите обвинети: Љупчо Палевски-Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, како и на Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, кој се товари за соучесништво во нејзиното киднапирање.
Обвинителството е цврсто на ставот дека четворица од обвинетите треба да добијат доживотна казна затвор за киднапирање и убиство, додека за таткото на убиената девојка бара соодветна казна за помагање во извршувањето на делото.
Одбраната, пак, тврди дека нема доволно докази за постоење на претходен договор за убиство кај дел од обвинетите. Нивната стратегија се темели на тврдењето дека имало намера само за киднапирање, и поради тоа бараат ослободување или поблаги затворски казни.
Судењето влегува во завршна фаза, а доколку денешното рочиште тече според планираното, пресудата се очекува на следното рочиште.
Јавноста со големо внимание го следи процесот, како поради бруталноста на делото, така и поради бројните шокантни детали што се обелоденија за време на судењето – вклучително и вмешаноста на таткото на жртвата, што ја засили вознемиреноста и гневот кај граѓаните.