Skip to main content
Македонија

СДСМ: Поради дефект на водоводна цевка се суши тутунот во Прилепското поле

19/06/2025  10:14

Изјава на Сашо Јорданоски, Комисија за земјоделство на ОО СДСМ-Прилеп

Прекинот со водоснабдување на земјоделските површини настана уште во периодот на расадување на тутунот. Оттогаш па до денес, десетици хектари засадени со тутун но и со градинарски производи, немаат видено капка вода.

Срамота е во 21 век, во ерата на секојдневен напредок на технологијата, дефект на водоводна цевка да го сотре тутунот во најтутунарскиот регион во државата.

Надлежните од „Прилепско поле“ и „Водостопанство“ креваат рамена и немаат одговор дали и кога дефектот ќе биде отстранет.

Нема ништо од ветената грижа за тутунопроизводителите од страна на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, а од пратениците од власта и градоначалникот Борче Јовчески – ни трага ни глас.

Прилепските тутунопроизводители се заборавени и препуштени сами на себе.

Господа од власта, излезете од вашите удобни кабинети и решете го проблемот кој се заканува да го пеплоса родот од годинешната тутунска реколта во прилепскиот регион.

Во спротивно, вашата незаинтересираност и неспособност да ги решавате проблемите на граѓаните, ќе остави без парче леб огромен број семејства од општина Прилеп на кои тутунот им е единствен извор на егзистенција.