Skip to main content
Македонија

Повеќе од 40 000 странци „заглавени“ во Израел, евакуација чекаат и 22 македонски државјани

16/06/2025  08:06

Околу 40.000 странци, повеќето туристи, моментално се „заглавени“ во Израел поради тековниот конфликт со Иран, соопшти израелското Министерство за туризам. Евакуација од Израел и враќање во Македонија чекаат и 22 македонски државјани кои досега побарале помош од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ).

По заострувањето на судирите, авиокомпаниите ги суспендираа летовите, принудувајќи ги патниците да донесат одлука дали да чекаат да заврши конфликтот или да бараат алтернативни правци преку соседните држави. Воздушниот простор на Израел е затворен за цивилен воздушен сообраќај, а израелската национална авиокомпанија “Ел Ал Ерлајнс” објави дека ги откажува летовите до 23 јуни.

Ова ограничување ќе важи додека не се подобри безбедносната ситуација. Најлесен начин за излез е преку копнените премини во соседниот Јордан, од каде што летовите сè уште полетуваат од аеродромот во Аман. Министерството за туризам на Израел отвори 24-часовна телефонска линија за помош на патниците, достапна на англиски и хебрејски јазик.

Исто така, ограничени се и можностите за туристички посети, музеите се затворени, а забранет е и пристапот до Стариот град на Ерусалим. Затворени се и повеќето трговски центри и продавници.

Дваесет и двајца македонски државјани кои досега побарале помош од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНР), исто така, чекаат евакуација од Израел и враќање во Македонија.

Од МНР вчера соопштија дека се преземаат активности за нивна скорешна евакуација и трансфер до безбедна локација, од каде дополнително ќе се организира нивно враќање во земјата. Македонското дипломатско-конзуларно претставништво во Тел Авив е во постојана комуникација со нашите државјани, а Министерството за надворешни работи и надворешна трговија активно работи на обезбедување на сите потребни услови за нивно безбедно враќање.

Поради влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, претходно, МНР апелираше до сите државјани на Северна Македонија кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран, доколку им е потребна конзуларна помош, веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните (СОС) телефонски броеви. Воедно, се апелира до сите државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.

За помош и асистенција, граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив – Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546 Е-пошта: telaviv@mfa.gov.mk. Министерство за надворешни работи и надворешна трговија Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736, Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk. Во рамки на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција.