Неформален разговор на маргините на Самит на Европската политичка заедница во Будимпешта имале претседателите на Турција и Кипар, Реџеп Таип Ердоган и Никос Христодулидис и премиерите на Грција и Албанија Кирјакос Мицотакис, според фотографиите од кабинетот на грчкиот премиер и од портпаролот на кипарската Влада, кој ги објави на социјалните мрежи, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчката државна телевизија ЕРТ, четворицата лидери во кусата неформална дискусија размениле мислења за резултатите од американските избори, како и за регионалните и меѓународните случувања.
Пред почетокот на петтиот Самит на Европската политичка заедница и Европскиот совет, премиерот на Грција истакна дека состаноците се во време на големи геополитички турбуленции“, уште еднаш му честиташе американскиот претседател Трамп и изрази надеж дека „трансатлантските односи ќе останат силни со цел да се решат важните регионални и глобални прашања“.
-Секако, ние како Европејци треба да бидеме доста реални и не можеме да му пристапиме на ова трансатлантско партнерство од позиција на слабост. Европа не може да го промени светот, но секако може да се промени себеси за да се соочи со светот кој се менува. Затоа, разговорите што ќе ги имаме на Европскиот совет, особено во однос на прашањата за европската конкурентност, се особено актуелни. Верувам дека дојде време да се „разбудиме“ од нашата геополитичка наивност и да сфатиме дека треба да обезбедиме дополнителни ресурси за да можеме да се соочиме со големите предизвици, без разлика дали се прашања за конкурентност или прашања за европската одбрана, истакна Мицотакис.