
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, добил зголемување на платата од околу 200 евра месечно, со што сега ќе прима над 105.000 денари месечно. Ова стои во Одлука објавена во најновиот број на „Службен весник“, а јавноста ја пренесе претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов.
Во објава на социјалната мрежа Фејсбук, Трендафилов изрази револт и постави јавно прашање: „Ако нема пари за зголемување на платите на работниците, како се наоѓаат средства за зголемување на платите на функционерите?“ Тој укажа дека работниците чекаат зголемување од 12,6% согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор, како и покачување на минималната плата на 500 евра, но Владата засега не ги реализира овие барања.
„Ако зголемувањето на платите на работниците ја зголемува инфлацијата, тогаш зошто зголемувањето на платите на функционерите не би имало ист ефект? Или можеби ја намалува инфлацијата?“ – иронично прашува Трендафилов.
Во Одлуката од „Службен весник“ се наведува дека коефициентот за плата на функционерот се зголемува од 2,24 на 2,55, што претставува раст од 13,8%. Бидејќи основицата за пресметка на платите на функционерите е просечната плата од претходната година, Трендафилов пресметува дека платата на Ангелов од 1 јуни 2025 ќе изнесува 105.159 денари, наместо досегашните 92.375 денари.
„Секој заслужува зголемување на платата, но работниците заслужуваат повеќе од функционерите“, истакнува Трендафилов и повторно апелира до Владата приоритет да добијат оние кои ја движат економијата – работниците.
