Skip to main content
Свет

Руски ракетен напад во текот на ноќта, Полска подигна авиони

09/06/2025  11:15

Полски и авиони на други сојузници од НАТО беа подигнати рано утринава за да се осигури безбедноста на полскиот воздушен простор, откако Русија почна воздушни напади насочени кон западна Украина, близу границата со Полска, соопшти Оперативната команда на полските вооружени сили.

– Преземените чекори имаат за цел да ја осигурат безбедноста во регионите што се граничат со загрозените подрачја, соопшти Командата на Х.

Во текот на ноќта, Русија ја нападна Украина со ракети, а сирените за воздушна тревога се огласија низ целата земја, соопштија украинските власти. Како што е наведено, за време на нападот со руски дронови во Киев дејствувале силите за противвоздушна одбрана.

Деловна зграда во округот Дарница во украинскиот главен град е оштетена во напад со руски дрон, соопшти началникот на киевската воена област Тимур Ткаченко.

– Како резултат на рускиот напад, оштетена е деловна зграда во Дарницкиот округ. Службите работат на лице место. Го утврдуваме обемот на штетата. Се собираат информации, напиша Ткаченко на Телеграм.

Украинските власти соопштија и дека Ривненска област во текот на ноќта доживеала најголем воздушен удар од почетокот на војната, а главниот удар бил на градот Дубно.

– Денес нашиот регион доживеа една од најтешките ноќи: десетици ’шахеди‘ и ракети го нападнаа нашиот регион, рече градоначалникот на градот Ривне, Александар Третјак.

Началникот на државната администрација на Ривненска област, Александар Коваљ, потврди дека регионот е погоден од силни воздушни напади и дека, според првичните информации, еден цивил е ранет. Коваљ напомена дека силите за противвоздушна одбрана уништиле голем број непријателски цели над регионот.