
Синоќа во центарот на Подгорица, пред ресторан, се случила пукотница во која, според локалните портали, биле ранети шест лица. Полицијата веднаш реагираше со соопштение за настанот.

„Во овој инцидент повредени се шест лица, од кои пет се здобиле со полесни телесни повреди во долните екстремитети, додека едно лице е повредено во пределот на грбот, при што неговиот живот не е во опасност. На лицата веднаш им е укажана медицинска помош во Клиничкиот центар на Црна Гора“, стои во соопштението од полицијата.
Според информациите, веднаш по настанот биле преземени итни мерки и дејствија за расветлување на сите околности, како и за пронаоѓање и приведување на осомничениот. Л.М. (23) од Подгорица, идентификуван како осомничениот, по употребата на огнено оружје, избегал во непознат правец.
„Полициските службеници спроведоа истрага, поставија потесни и пошироки блокади на патот, собраа информации од десетици лица и запленија видео надзор од неколку објекти. По преглед на повеќе локации и во краток временски период, осомничениот Л.М. беше пронајден и приведен на улицата Фрушкогорска во населбата Мало Брдо“, додаде полицијата.
Како што се сомнева, инцидентот бил резултат на тепачка што претходела во бар.