Skip to main content
Свет

Во Шпанија запленети 13 тони кокаин, дрогата била скриена меѓу банани

07/11/2024  07:56

Шпанската полиција откри 13 тони кокаин во бродски контејнер во пристаништето Алгесирас и соопшти дека тоа е најголемата поединечна заплена на дрога во историјата на Шпанија.

Никогаш во Европа не била пронајдена толку многу дрога во само еден контејнер за транспорт, објави полицијата на нејзината веб-страница.

Бродот со банани патувал од Еквадор, а товарот бил адресиран до шпански увозник кој со години добивал големи количества овошје од таа јужноамериканска земја. Кокаинот бил откриен во пакувања кои биле во кутии со банани. Дрогата била сокриена во специјално направени кутии и сокриена од овошје.

Полицијата во Еквадор, најголемиот светски извозник на банани, ја известила шпанската полиција дека е регистриран извозник од тамошното пристаниште Гвајакил за нелегален извоз. Кога бродот се закотви во пристаништето Алгесирас, во јужна Шпанија, локалната полиција ги пребара контејнерите.

Заплени документи и изврши четири претреси во простории во оддалечениот крајбрежен град Аликанте и еден во Мадрид. Во Толедо, мал град во близина на Мадрид, косопственикот на компанија за увоз на овошје беше уапсен и изведен пред истражниот судија во Алгесирас. Полицијата трага по уште двајца управители на таа фирма.

Полицијата смета дека дрогата поради големото количество била наменета за различни земји во Европа.

Портпаролот на полицијата телефонски за Хина изјавил дека уапсената жена е Американка.

Шпанската полиција минатата година ја изврши најголемата заплена на дрога досега, исто така во пристаништето Алгесирас, каде што пронашла 9,4 тони кокаин. Таа пред четири месеци открила и 4 тони кокаин во пристаништето во Барселона.

Шпанските пристаништа им служат на шверцерите да увезуваат кокаин во Европа од Јужна Америка, каде што се произведува дрогата.