
Со одобрение на Обвинителството и решение на Апелациониот суд, Министерството за внатрешни работи му издал времен пасош на сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски за да патува во Босфор, Турција каде викендов беше фотографиран со дел од семејството. Како шро беше објавено утрово тој се пријавил во Кривичниот суд со издадена времена патна исправа и ја исполнил обврската за редовно пријавување во суд.

За тоа кој донел решение за Јахоски да добие времен пасош одговори денеска дадоа и од Кривичниот суд и од Апелациониот суд и од Министерството за внатрешни работи и според тие одговори МВР му издало пасош со решение на Апелација, а Апелација се повикува на предлог за ваков пасош од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, објави Слободен печат.
Од Кривичниот суд соопштија дека во текот на мај, осомничениот доставил барање за враќање на патната исправа, односно издавање на нова, но Кривичен му го одбил барањето. Јахоски пак се жалел, па предметот доставен на надлежно постапување во Апелациониот суд Скопје.
Од одговорот од Министерството за внатрешни работи произлегува дека тие му издале времен пасош со решение на Апелација.
-Лицето за кое прашувате остварило излез од Република Северна Македонија на Граничен премин Богородица на 30.05.2025, а се вратило во државата на 02.06.2025 преку Граничен премин Богородица. Имено лицето извршило излез од државата со патна исправа со ограничен рок на важење издадена од МВР по претходно донесено Решение КСЖ бр. 540/25 од 29.05.2025 на Апелационен суд со кое се дава согласност на лицето А.Ј. да му се издаде патна исправа со ограничен рок на важење – соопшти МВР.
Апелација пак иако првично се изјаснија дека тие не му дале пасош, со објаснување дека тие не издаваат патни исправи, подоцна соопштуваат дека осомничениот барањето до Кривичен го поднел на 12 мај, со прилог докази. Второстепениот суд на седница на 29 мај постапувал по жалба на осомничениот, која Апелација делумно ја уважил и дал согласност за издавање нова патна исправа на осомничениот Асмир Јахоски, но со ограничен рок на важење од 6-шест месеци сметано од денот на издавање, а за тоа имало предлог од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
-При одлучувањето земен е предвид предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да се дозволи издавање на времена патна исправа, како и мислењето на Вишото јавно обвинителство да се уважи жалбата на осомничениот и издаде времена патна исправа. Мерките на претпазливост претходно определени спрема осомничениот остануваат во сила, односно мерката Привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државна граница на име на осомничениот , односно забрана за нејзино издавање не е укината и опстојува и понатаму, како и мерката Обврска на осомничениот да се јавува секој прв работен понеделник во месецот во 10 часот во Основниот кривичен суд Скопје (за проверка дали ја почитува информации во надлежниот суд) – соопшти Апелација.