Танчерите на најтрофејното македонско студио – „Денсерс јунајтед“ (Dancers United) се најдоа на пиедесталот на Европското првенство за танци во Шведска.
Од 30 октомври до 3 ноември во шведскиот град Упсала се одржа натпреварот „Мега денс викенд“ (Mega Dance Weekend). На настанот којшто се одржува шест години учествуваа 3.375 танчери од повеќе европски земји. „Денсерс јунајтед“ се натпреваруваа во категоријата Европско првенство за латиноамерикански танци.
Така, од македонските претставници, 13 танчери беа на врвот во своите категории и освоија вкупно 11 златни, 9 сребрени и 5 бронзени пехари.
– Секој натпревар е големо искуство за нас како тренери, танчери и за мене како судија. Со голема радост ги прифаќаме поканите да учествуваме на сите позначајни меѓународни, светски и европски првенства. Ова Европско првенство во Шведска беше само уште еден показател дека танчерите од „Денсерс јунајтед“ се на врвно ниво, рамо до рамо со најдобрите во светот на танцот. Многу сме горди што од нашето студио излегуваат светски и европски прваци. Нашите резултати покажуваат дека Македонија веќе е велесила во светот на танцот, а задоволството е уште поголемо што интересот за нашите танчери секоја година сѐ повеќе се зголемува. Тие се веќе препознатливи како квалитетни танчери со неверојатна техника, знаење, креативност, атрактивност, вештини, костимографија, изјави Сара Кочан – официјален судија од нашата земја на Европското првенство во Упсала, Шведска.
На натпреварот, како македонски претставници, учествуваа: Луна Дариа Кочан, Су Али, Емили Нера Кочан, Ена Ефендилер, Ада Ефендилер (во детските категории); натаму – Нина Спасовска, Нина Андоновска, Тима Муминовиќ (категорија Јуниори 1), Илина Талеска, Ангела Николиќ, Јована Несторовска, Гала Пановска, Лилјана Стојанов (Јуниори 2).
Следно, танцовото студио „Денсерс јунајтед“ ќе учествува на уште четири натпревари од коишто три се меѓународни – оние во Романија, Хрватска и Србија. На крајот од годината ќе бидат дел и од Божиќниот танцувачки натпревар 2024 во Велес.
На 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, „Денсерс јунајтед“ ќе ја одржи и својата 10-та јубилејна инклузивна танцова претстава во Македонскиот народен театар.