Skip to main content
Македонија

Левица: Хотелот на Мијалков нема решение за Елаборат – Пецаков го штити дивеењето

27/05/2025  10:44

Соопштение за јавност на Левица:

Левица продолжува да објавува факти за незаконското градење хотел од поранешниот директор на УБК – Сашо Мијалков, во строго заштитена зона на Охридското езеро. Претходно, Левица објави дека инспектор за животна средина Игор Трајкоски постапил незаконски при надзорот над спорниот хотел и не ја утврдил фактичката состојба. Односно, инспекторот при увидот наместо да го побара Решението за одобрување на Елаборат (кое го издава Министерството за животна средина), тој од инвеститорот „Дивелоп Груп” (фирма на Мијалков), побарал само Елаборат за животна средина, кој го изготвува самиот инвеститор!

Причината зошто инспекторот Трајкоски свесно заобиколил да го побара Решението за одобрување на Елаборат е тоа што вакво решение не постои. Односно, во одговор на Министерството за животна средина јасно стои дека во “министерството нема издадено Решение по Елаборат за животна средина”. Согласно законските одредби, без вакво решение воопшто не смее да се издаде одобрение за градба. 

Но, за градоначалникот Пецаков нема ништо незаконски за нивниот поранешен партиски директор, затоа што според тврдењата на локалната власт, одобрението за градба на хотелот на Мијалков датира од 2012 година?! Власт која не пропушта да истакне дека сите ќе одговараат и дека ќе се расчистат сите криминали, очигледно не може да поведе ниту една кривична постапка за криминално издадено одобрение за градба, додека се узурпира непроценливо природно богатство.

По примерот на дивоградбата на Нефи Усеини (која непречено се изгради под владеењето на “скандинавскиот” градоначалник Кирил Пецаков), така институциите не постапуваат и за криминалниот проект на Сашо Мијалков. Борбата против криминалот и корупцијата е само празна флоскула на Владата предводена од ДПМНЕ, која очигледно уште не е ослободена од влијанието на нивниот поранешен директор на УБК и неговите криминали.