Два позитивни случаи на Ковид-19 кај бегалци кои минатата седмица пристигнале на Лезбос

Позитивни на Ковид-19 се две лица, од група бегалци и мигранти, кои на грчкиот остров Лезбос пристигнале од турското крајбрежје, но не се во контакт со оние кои што се сместени во бегалските кампови, јави дописничката на МИА од Атина.

Информацијата ја потврди портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас во синоќешното интервју за грчката телевизија „Антена” и објасни дека се однесуваат на пристигнувања од изминатата седмица, односно на 6 мај.

-За овие нови пристигнувања, се погриживме на островот да постои специјален простор за да не бидат во контакт ниту со локалното население, ниту со кампот Мориа, се наоѓаат многу далеку од Мориа, рече Пецас и истакна дека „нема простор за загриженост на локално ниво”.

На конкретниот датум, според официјалните дневни податоци од грчката Влада, на Лезбос, пристигнало 51 лице.

Според грчката новинска агенција АНА-МПА, во просторот „карантин” на островот, наменет за новите пристигнувања има вкупно 70 бегалци и мигранти, а во текот на денешниот ден ќе се тестираат останатите лица, како и претставниците на полицијата и крајбрежната служба кои биле во контакт со двете позитивни лица, кои немале никакви симптоми.

Треба да знаете
Последни објави