Skip to main content
Македонија

Денеска започнува изградбата на фабриката на „Шахтерм“ во ТИРЗ Скопје

17/05/2025  08:27

Денес во ТИРЗ Скопје ќе биде означен почетокот на изградбата на фабриката на турската фирма „Шахтерм“ со поставување камен темелник. На официјалниот старт на градежните работи ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски.

Согласно склучениот договор помеѓу Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и „Шахтерм“, вредноста на инвестицијата изнесува 100 милиони евра. Планирана е изградба на објект со простор од преку 13,000 метри квадратни, како и креирање на 1000 нови работни позиции.

Инвестицијата ќе вклучува и центар за истражување и развој, а ќе претставува прв производствен погон на „Шахтерм“ надвор од турската територија.

Компанијата „Шахтерм“ поседува долгогодишно, повеќе од 4 децении, искуство во проектирање и изработка на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство.

Во моментов, „Шахтерм“ се наоѓа меѓу првите пет компании во овој сектор на глобално ниво, со повеќе од половина од годишната продукција наменета за пазарите во странство.

Листата на потрошувачи е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.