Демократскиот сојуз на Косово побара Собранието в сабота да одлучува за новата влада

Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) достави денеска до Собранието на Косово барање за вонредна собраниска седница на која ќе се расправа за предлогот на мандатарот од неговите редови, Авдулах Хоти, за состав на новата влада на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Барањето за одржување на седницата на 2 мај уследи откако попладнево претседателот на државата Хашим Тачи и официјално му го додели мандатот на ЛДК да формира нова влада, со оглед дека на онаа што ја води премиерот во оставка Албин Курти, на 25 март ѝ беше изгласана недоверба од Собранието.

Информацијата за барањето седница ја објави шефот на пратеничката група на ЛДК Арбен Гаши, кој нагласи дека неговата партија, заедно со идните коалициски партнери, го обезбедила потребното мнозинство гласови за изгласување на владата што ќе ја предложи Хоти.

– Ве информирам за барањето на ЛДК и на пратениците кои го поддржаа, за вонредна седница за в сабота, во 13 часот, чија точка на дневниот ред ќе биде изборот на Владата на Косово, им изјави Гаши на новинарите пред зградата на Собранието на Косово.

Тој информира дека барањето е потпишано од 61 пратеник во 120-членото Собрание на Косово.

– Бројките ги имаме. Барањето за седница е направено со 61 потпис. Имаме повеќе гласови, но барањето е поднесено со 61 потпис за одржување седница, изјави Гаши.

Според досегашните информации, новата косовска влада ЛДК ќе ја формира заедно со Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај, со Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај, со Српската листа (СЛ) и со партиите на другите немнозински етнички заедници.

Партијата Движење самоопределување (ВВ) на вршителот на должноста премиер, Курти, се противи на формирањето нова влада и тврди дека единствено уставно решение во ваква ситуација се вонредни парламентарни избори. ВВ најави дека дејствијата во правец на формирање нова влада и нејзиното евентуално изгласување од страна на Собранието ќе ги оспори пред Уставниот суд на Косово.

Треба да знаете
Последни објави