Мицотакис: Справувањето со здравствената криза ќе биде пасош за реорганизацијата што следи

Сe додека не се укине последното негативно влијание на пандемијата, вработените чија работа е принудно прекината и невработените, ќе продолжат да го добиваат посебниот надоместок; оние кои се враќаат на работа но со намалено работно време и намален промет, ќе добијат поддршка од државата; за уште три месеци се продолжува мерката за заштита на главното живеалиште за оние кои должат рати од кредитите; соопшти денеска ги грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, говорејќи од Парламентот јави дописничката на МИА од Атина.

Грчкиот премиер рече дека „справувањето со здравствената криза, до одреден степен, ќе биде пасош за реорганизацијата што следи”.

-Денеска ја свикав оваа расправа во Парламентот за, пред сè да разговараме за насоките во економијата, бидејќи отсега, здравјето на граѓаните и нивниот просперитет ќе бидат наш заеднички компас. Две цели што паралелно ќе се промовираат и две вредности на кои истовремено ќе се работи. Досега, грчката држава, презеде мерки во висина од 17,5 милијарди евра, што одговараат на околу 10 отсто од БДП. Износ кој со дополнително искористување на европски средства ќе достигне до 24 милијарди евра во две насоки, рече грчкиот премиер и додаде дека целта била, зајакнување на приходот и поддршка на ликвидноста на бизнисите, како и заштита на работните места.

Мицотакис објасни дека во следните денови ќе има и нов пакет мерки за месец мај кои ќе бидат олеснување за бизнисите и компаниите што ќе имаат намален профит, додаде дека е планиран е и дополнителен план за туризмот кој оваа година, како што рече, ќе претрпи голема штета, а целта е штетата да се намали колку е можно повеќе, а се осврна и на потребата за формирање европски фонд за закрепнување.

-Сепак, најрешителниот одговор на Европа на коронавирусот, на економската криза што е поврзана со коронавирусот, според мене ќе биде таканаречениот Recovery Fund. Нов фонд за кој се бориме да има конкретни карактеристики. Прво да има големина еднаква на кризата. Второ, да биде финансиран од заеднички европски заем. И трето, главниот двигател да бидат субвенциите, а не заемите. Нашите позиции се на маса, веќе имаат многу поддржувачи и очекувам дека за кратко време може да имаме добри вести, рече Мицотакис.

Треба да знаете
Последни објави