Весели: Ниеден пратеник на ПДК нема да гласа за новата влада на Косово

Лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) Кадри Весели изјави дека ниеден пратеник на таа опозициска партија нема да гласа за новата, како што ја нарече „влада на измамата”, која се очекува да ја формира мандатарот Авдулах Хоти од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), јави дописникот на МИА од Приштина.

Весели за време на неговата посета на Генерал Јанковиќ побара нови парламентарни избори веднаш откако ќе помине кризата со пандемијата на Ковид-19.

– Ниеден пратеник на ПДК нема да ја гласа оваа влада на измамата. ЛДК и Движењето самоопределување (ВВ) се одговорни за состојбата во која ја доведоа земјата и тие самите треба да ја надминат таа ситуација. Најдоброто решение, според нас, е да се создадат услови за, по пандемијата, да имаме демократски избори и демократски легитимитет, изјави Весели.

Мандатарот Хоти тврди дека ЛДК новата влада ќе ја формира заедно со Алијансата за индината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај, Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај и партиите на немнозинските етнички заедници, за што тврди дека го обезбедил потребниот број гласови во Собранието на Косово.

Актуелната влада во оставка, предводена од лидерот на ВВ Албин Курти, беше разрешена од Собранието на Косово, откако на 25 март, на иницијатива на ЛДК, која дотогаш беше дел од кабинетот на Курти, ѝ беше изгласана недоверба со повеќе од две третини од гласовите на пратениците. 

Треба да знаете
Последни објави