Skip to main content
Македонија

Заменик- министерката Трајков порача: Да го реализираме сонот за европска Македонија

10/05/2025  11:18

„Евроинтеграцискиот процес е еден од врвните приоритети на Владата, приоритет на кој што посветено работиме. Пред нас имаме зацртано една цел-а тоа е да сториме се што е можно за да го реализираме сонот за европска Македонија!“, истакна заменик-министерката за европски прашањa, Викторија Трајков, во своето обраќање на денешната панел дискусија Патот на Македонија кон ЕУ-предизвици и можности во 2025 година, во организација на Австриската амбасада во Скопје и Академијата за европски интеграции.

Заменик- министерката Трајков порача дека со реализацијата на европската агенда и имплементација на реформите ќе се олесни пристапниот процес во ЕУ.

„Свесни сме дека Унијата од нас очекува конкретни резултати и затоа сме подготвени да го вложиме нашиот целокупен човечки и институционален потенцијал за час-поскоро да станеме дел од европското семејство. Изморени сме од ветувања и од условувања преку коишто не сме подготвени да преминеме. Новата Влада постави црвена линија. Црвената линија е нашиот македонски идентитет, кој нема да дозволиме да биде обременет со билатерализација. Но, иако, предолго и неправедно сме во чекалната на ЕУ, ние немаме друг избор освен да продолжиме цврсто напред“, рече заменик-министерката за европски прашањa, Викторија Трајков.

На настанот кој се одржа во скопски хотел зборуваа амбасадори, европски пратеници и докажани меѓународни експерти. Дебатата ја отвори и модерираше професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје, проф.д-р Васко Наумовски, кој е поранешен вицепремиер за европски прашања и амбасадор во САД, а меѓу говорниците беше и Н.Е. Мартин Памер, австриски амбасадор во Македонија.

На дискусијата свои пораки за предизвиците на ЕУ испратија и Марија Бергер, судијка од Европскиот суд на правдата, пратеникот од Европскиот парламент Клаус Волфер кој е поранешен директор за Југоисточна Европа и проширување на ЕУ во МНР на Австрија. На дебатата учествуваше и Герхард Јарош, раководител за кривично право во LGP Group и поранешен заменик главен обвинител во Виена.