Француски истражувачи ќе тестираат никотинска лепенка кај пациенти со коронавирус

 Студијата која потенцира сериозни здравствени ризици од пушење, сугерира дека супстанца во тутунот може да го намали ризикот од заболување од коронавирус

 Француски истражувачи планираат да тестираат никотинска лепенка кај пациенти со коронавирус и здравствени работници од предната линија, водени од резултатите од  студијата според која пушачите може да бидат помалку изложени на ризик од заразување со вирусот. Студијата спроведена во една голема париска болница сугерира дека супстанца во тутунот, најверојатно никотинот, може да ги заштити пациентите кои се пушачи од заболување од КОВИД-19.Клиничките испитувања на употреба на никотинска лепенка чекаат одобрување од здравствените власти во земјата. Како и да е, истражувачите инсистираа на тоа дека не го охрабруваат населението да пуши, што носи други потенцијално фатални ризици по здравјето и убива 50% од пушачите. Додека никотинот може да ги заштити од вирусот, пушачите кои се заразени, често развиваат посериозни симптоми заради токсичниот ефект на чадот од тутунот врз белите дробови. Тимот во болницата Pitié-Salpêtrière испитуваше 480 пациенти чии резултати се позитивни на вирусот, од кои 350 биле хоспитализирани, додека на останатите со помалку сериозни симптоми им било дозволено домашно лекување.

Дојдоа до откритие дека од оние кои биле примени во болница, чија средна возраст била 65 години, само 4,4% биле активни пушачи. Меѓу пациентите пратени на домашно лекување, со средна возраст од 44 години, 5,3% пушеле. Земајќи ја предвид возраста и полот на пациентите, истражувачите открија дека бројот на пушачи е многу помал од оној кај општата популација проценета од францускиот здравствен орган Santé Publique France на околу 40% за оние на возраст од 44-53 години и помеѓу 8,8% и 11,3% за оние на возраст од 65-75 години. Познатиот француски невробиолог Jean-Pierre Changeux, кој ја разгледа студијата, посочи дека никотинот може да го спречи вирусот да дојде до клетките во телото, така спречувајќи го неговото ширење. Никотинот исто така може да ја олесни прекумерната реакција на имунолошкиот систем на организмот што е чест пример во најтешките случаи на заболување од КОВИД-19. Наодите треба да се верификуваат во клиничка студија во која здравствените работници од предната линија, болничките пациенти со КОВИД-19 и оние кои се на интензивна нега ќе добијат лепенки со никотин. Резултатите ја потврдуваат кинеската студија објавена на крајот на март во New England Journal of Medicine, според која само 12,6% од 1.000 луѓе заразени со вирусот биле пушачи, додека бројот на пушачи во Кина е околу 28%.

Во Франција, бројките од париските болници покажуваат дека од 11.000 пациенти со КОВИД-19 кои биле примени во болница, 8,5% биле пушачи. Вкупниот број на пушачи во Франција се проценува на околу 25,4%. „Нашата меѓусекторска студија силно укажува на тоа дека оние што пушат секој ден имаат многу помала веројатност да развијат симптоматска или тешка инфекција со Sars-CoV-2 во споредба со општата популација. Ефектот е значаен. Ризикот се дели на пет за амбулантни пациенти и на четири за оние кои се примени во болница. Ретко го гледаме тоа во медицината”, стои во извештајот од Pitié-Salpêtrière.

Треба да знаете
Последни објави