Skip to main content
Свет

Трамп: Нема да ги укинам царините за Кина за да го доведам Пекинг на преговарачка маса

05/05/2025  07:53

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нема да ги укине царините за Кина за да го принуди Пекинг да седне на преговарачка маса.

„Денеска рекоа дека сакаат да разговараат. Видете, Кина, и на мене не ми се допаѓа ова. Не сум среќен поради ова. Кина е целосно уништена. Нивните фабрики се затвораат. Нивната невработеност вртоглаво расте. Не сакам да ѝ го правам тоа на Кина сега. Во исто време, не сакам Кина да заработува стотици милијарди долари и да гради повеќе бродови, повеќе воени тенкови и повеќе авиони“, рече Трамп.

Тој навести дека може да ги намали царините за кинеските стоки во иднина, признавајќи дека сегашните стапки ја доведоа трговијата меѓу САД и Кина речиси до застој.

„Во еден момент ќе ги намалам бидејќи во спротивно никогаш не би можеле да соработуваме со нив, а тие навистина сакаат да соработуваат. Нивната економија е во колапс“, рече Трамп во телевизиско интервју за ЕнБиСи Њуз.