
Светот денес го одбележува 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, ден кога се потсетуваме на суштинската улога на новинарството во градењето и одржувањето на демократските општества.
Во ера на брзи технолошки промени, вештачка интелигенција и глобални предизвици за вистината, само професионалните, етички одговорни и независни медиуми можат да придонесат за одржлив општествен и демократски развој. Слободата на медиумите не е само право на новинарите – таа е основно човеково право, неопходно за информирана јавност, отчетни институции и активни граѓани.
Овој ден е и потсетување на потребата од постојана борба против цензурата, притисоците и дезинформациите. Да изградиме општество во кое новинарите ќе можат слободно да поставуваат прашања, да истражуваат и да ја зборуваат вистината – без страв и без влијанија.
Слободата на медиумите е слобода за сите нас.