
Студентите во блокада на факултетите во Нови Сад претпладнево организираат протест „Политички притвор поради збор – кој е следен?“ пред зградата на судот и обвинителството. Тоа ќе биде протест за поддршка на шест активисти на Движењето на слободни граѓани и групата Став, кои се притворени повеќе од еден месец. Почетокот на протестот е во 11 часот.

Студентите во блокадата на Универзитетот во Нови Сад повикаа на протест синоќа кога побараа ослободување на, како што рекоа, „политичките затвореници“.Тие лица се осомничени за обид за уривање на уставниот поредок, врз основа на нивни прислушуван разговор, емитуван на белградски телевизии.
Судијката за претходна постапка од Нови Сад, Татјана Ѓурашковиќ, по првичниот притвор до 30 дена, го продолжи за уште 30 дена притворот на студентите и активистите.
Во притвор се Марија Васиќ, Младен Цвијетиќ, Срѓан Ѓуриќ, Ладо Јововиќ и Давор Стефановиќ, како и студентот од организацијата Студенти против авторитарната власт (СТАВ), Лазар Диниќ.
Сите тие беа приведени на 14 март, откако аудио-снимка од нивниот прислушуван разговор во Нови Сад беше емитувана претходната вечер на неколку телевизиски станици.
Повеќе од 100 граѓански организации од Србија протестираа затоа што таа аудио снимка, наместо кај судските органи, заврши во медиумите, кои веднаш „пресудија“ дека станува збор за „тероризам и поткопување на државата“, што подоцна го повторија и највисоките државни функционери на Србија, а што подоцна беше напишано и во кривичната пријава, јавија српските медиуми.
Граѓанските организации изјавија дека станува збор за политички прогон на дисиденти.
Членовите на организацијата СТАВ добиле илјадници од најсериозните закани, вклучувајќи бројни закани со смрт, а со месеци биле и цел на кампања за линч од страна на таблоиди.
Активистите на СТАВ беа првите што иницираа масовни студентски и граѓански протести во Србија, по трагедијата во Нови Сад, кога на 1 ноември минатата година, 16 лица загинаа кога врз нив се урна реновирана бетонска настрешница од главната зграда на железничката станица.