
Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николовски во рамки на дводневната посета на високо ниво на Обединетото Кралство денеска оствари работна средба со Герет Томас, министер за економија и извоз во Владата на Обединетото Кралство.
По средбата, вицепремиерот Николоски истакна:
” Во рамки на посетата на високо ниво на Велика Британија, денеска остварив средба со министерот за извоз и економија на Велика Британија, Герет Томас. Со него разговаравме за продлабочување на економската соработка меѓу двете држави, имајќи предвид дека Велика Британија е втор трговски партнер на Македонија.
Македонија извезува околу 2,5 милијарди евра во Велика Британија и имаме јасна цел тој извоз да расте и во скоро време да ја надминеме бројката од 3 милијарди евра извоз, што сериозно ја помага македонската економија, значи добро платени работни места и секако ќе значи нови работни места.
Со министерот за извоз и економија на Велика Британија зборувавме за инфраструктурни проекти што ги раководам како министер за транспорт и потпретседател на македонската влада, разговаравме за развојот на железницата, за развојот на автопатите и авиосообраќајот и можностите што Велика Британија ги има за да и помогне на Македонија. Разговаравме и за финансиските можности што ги има Велика Британија, секако и околу знаењата. За таа цел остваривме и средба со компанијата “Crossrail” компанија која е на британската влада и која ја изведе првата целосно дигитализирана метро линија во Велика Британија, тоа е линијата наречена по кралицата “Елизабета”.
Во текот на денот ќе имаме средби и со претставници на финансиски институции тука во Лондон, ќе имаме средби и со други институции кои што можат да и помогнат на Република Македонија. Ќе имаме многу значајна средба со извозната агенција на Велика Британија, а во текот на утрешниот ден продолжувме со средби со министерот за Европа, специјалниот пратеник за Западен Балкан, како и Министерството за надворешни работи.
Сметам дека оваа посета на Лондон, е нов чекор во соработката меѓу Македонија и Велика Британија и со тоа ја позиционира Македонија како стартешки партнер во Југоисточна Европа на Велика Британија, нешто што е чекор напред за сите македонски граѓани и долгорочно партнерство со држава која има огромна традиција, силна економија и како што велат е последната империја во светот”- изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.