Skip to main content
Македонија

АД ЕСМ остана без директор за правни и општи работи

22/04/2025  10:48

По само осум месеци работа на новото раководство АД Елекстрани на Северна Македонија остана без еден од седумте директори како членови на Управниот одбор. 

Ѓорѓи Ѓорѓиевски повеќе не е директор за правни и општи работи во АД ЕСМ, а неговото име е избришано од одборот на раководители во најголемата енергетска компанија во земјата.

Станува збор за дипломиран правник кој претходно беше еден од најекспонираните советници во општина Битола и избирачки делегат на ВМРО-ДПМНЕ. Неофицијално, како што дознава „Фактор“, битолчанецот сам ја поднел оставката од лични причини.

Под надлежностите што ги имаше Ѓорѓиевски, освен правното застапување на друштвото пред судовите и другите државни органи, неговиот сектор вообичаено покрива следење и примена на законите, подзаконските акти и други прописи од областа на јавните набавки, користење на опремата и одржување на имотот, документираниот материјал и архивското работење.

Ѓорѓиевски беше назначен на оваа функција во август минатата година, заедно со Лaзо Узунчев како нов претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).Членови на новиот Управен одбор на компанијата во државна сопственост истовремено станаа и Реџеп Асани како заменик-генерален директор, како и членовите Ѓорѓи Ѓорѓиевски – директор за правни и општи работи, Зоран Коњановски – директор на производство, Виктор Јовановски – директор за комерцијални работи, Иван Стојановски- директор за финансиски работи и Владимир Пејоски- директор на развој и инвестиции.

До овој момент се уште нема назначено замена за Ѓорѓиевски на директорската позиција за правни и општи работи во ЕСМ.