Во Србија, покрај вонредната состојба, денес во сите градови од 10 часот стапи на сила мерката за забрана на движење на сите постари лица од 65 години, и 70 години во руралните области, согласно синоќешните нови мерка на Владата во справувањето со пандемијата со коронавирус,јави дописникот на МИА од Белград.
Со неа вечерва од 20 до 5 часот наутро на територијата на целата држава е забрането движењето на улиците во Србија и на сите лица, освен органите на власт и оние кои ќе имаат работна обврска во трета смена.
Министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, денес изјави на ТВ Пинк дека полицискиот час и други мерки се воведени заради недисциплина на дел од граѓаните. Тој порача дека полицијата постојано ќе ги проверува лица на кои им е одредена изолација.
Според него, речиси 50.000 луѓе се вратиле од странство во Србија од почетокот на кризата, повеќето се од Италија, а голем број не успеале да ја исполнат обврската за изолација, што довело до ширење на заразата.
Во Србија утринава евидентирани се вкупно 83 лица заразени со коронавирусот, што е за 11 лица повеќе од вчера, соопштија од министерството за здравство.
Веќе два дена на сила е вонредна состојба, затворени се границите за влез на странски државјани, поголемиот дел на вработените работат од дома, војската е распоредена на граничните премини, болниците, мигранските центри, на улиците е зголемено присуството на полицијата, а како изгледа денеска атмосферата по улиците во Белград, екслузивно ви ги пренесуваме преку фотографии.