Skip to main content
Македонија

Прилепчанка добила сметка за струја од 250 евра, иако речиси три месеци не ни била дома

30/03/2025  18:03

Живее самечки, потстанарски живот во мрачен подрум. Се грее на дрва. Освен светилките и телевизорот, други електрични уреди нема, а по преживеаниот неодамнешен ненадеен мозочен удар, речиси три месеци таа не била ни дома. Се лекувала. Но, нејзината последна сметка за струја е дури 15.000 денари. 69-годишната прилепчанка Ангелина Талеска, која се’ уште незакрепната од болеста што ја снашла, по првичниот шок, сега во очај бара помош за, како што вели, да не плати нешто што не потрошила. А и нема ни од што, бидејќи таа преживува од социјалната пензија од неполни 8.000 денари, пишува Алфа.

Сомневајќи се некој да не крадел струја, или пак инкасаторот да не направил некоја грешка, таа побарала од ЕВН да дојде Комисија и да го провери броилото. Молбата и’ била прифатена и била задолжена за услугата да уплати околу 500 денари, што и го сторила. Но, наместо да дојде Комисија, таа доживеала нов шок. Била исклучена од електричната мрежа, иако други заостанати сметки – нема. По нејзината реакција, следниот ден струјата повторно и’ била пуштена, со образложение дека по грешка била исклучена. Ама, од ветената Комисија до ден-денес нема ниту трага, ниту глас.

„Ете, платив и после таа ми вели – не, не ти реков дека за Комисија плаќаш. Ами зошто го платив тоа ?! За да ти ја скини струјата тој. Ами, јас ти ја дадов цела социјална, уште 6.000 и нешто!!! Јас си го платив она дури бев дома. И сега, откако сум дојдена од болница, ми дојде 3.000 денари, зошто…за пет дена 3.000 ?! Другиот ден, си идам од ЕВН, плаќам таму, и на порта гледам – 15.000 белешка ?! И тие што ги платив.. оној дел дури бев дома…?! Јас не знам зошто?! – се прашува очајната Ангелина.