
Пет од повредените пациенти кои се лекуваат во болниците во странство денеска се очекува да пристигнат во земјава. Четворица се враќаат од Шпанија, а еден од Грција, соопшти министерот за здравство Арбен Таравари на денешната прес-конференција на која информира за состојбата на повредените од пожарот во Кочани.
Според протоколот, како што рече министерот, првите 24 часа тие ќе бидат сместени во болниците во земјава. Ќе им биде направена тријажа и ќе бидат под соодветен надзор во клиниките во кои ќе бидат пренесени. Во зависност од нивната состојба, тие ќе бидат пуштени дома или ќе продолжат со лекување на некоја од клиниките.
„Со петте пациенти кои доаѓаат, бројката вечерва ќе остане на вкупно 108 пациенти коишто се лекуваат надвор од државата. Трендот на пациенти кои се подготвени да се враќаат сè повеќе се зголемува, се надевам дека до крајот на неделата ќе имаме уште 7-8 пациенти, но ќе ве информираме повторно“, изјави министерот Таравари.