
Папуа Нова Гвинеја официјално го блокираше пристапот до „Фејсбук“. Властите потегот го нарекоа „тест за ограничување на говорот на омраза, дезинформациите и порнографијата“, пренесуваат западните медиуми.
Ненадејната забрана што почна оваа недела, наиде на критики од опозицијата, која тврди дека на овој начин се прекршуваат човековите права. Министерот за полиција Петер Цималили ја објасни мерката на Владата, како „заштита на граѓаните од штетна содржина“, нагласувајќи дека тоа не е обид да се потисне слободата на говорот. Фејсбук е најпопуларната социјална мрежа во оваа земја – ја користат околу 1,3 милиони луѓе, вклучувајќи ги и малите бизниси коишто се потпираат на оваа платформа за продажни цели.
Забраната доаѓа неколку месеци по усвојувањето на новиот антитерористички закон, којшто на Владата ѝ дава овластување, меѓу другото, и да следи и ограничува онлајн-комуникации.
-Влегуваме во опасна област и сите се немоќни да ја запрат оваа тиранија, изјави опозицискиот пратеник Алан Брид.
Социјалните медиуми се клучни за олеснување на јавниот дискурс во време на намалување на слободата на медиумите во оваа земја. Претседателот на Советот за медиуми, Невил Чои смета дека овој потег значи уште помала слобода на изразување.
-Тоа се граничи со политичка автократија и кршење на човековите права. Уште позагрижувачки е фактот што најмалку две владини агенции што ги надгледуваат комуникациите и технологијата, известија дека не биле запознаени со плановите на Владата, и покрај тоа што полицијата тврди дека „тестот“ се спроведува во соработка со тие агенции, тврди Чои.
И покрај забраната, многу корисници сè уште можат да пристапат на „Фејсбук“, користејќи Виртуелна приватна мрежа (ВПН).
Инаку, и во 2018 година, „Фејсбук“ беше забранет на еден месец, бидејќи властите, според објаснувањата, се обидоа да ги искоренат лажните профили. Во тоа време се говореше и за можна државна мрежа, како алтернатива. Во 2023 година, Владата на Папуа Нова Гвинеја почна истрага за „лажни вести, лоши вести и социјални медиуми“ во земјата.